Коронавирусот можеби бил присутен и заразил луѓе во САД дури и пред Кина да ги пријави првите случаи, откри студија на Центрите за контрола и превенција на болести на Америка (ЦДЦ) и Црвениот крст на САД.
Американските лекари официјално го регистрираа првиот случај на ковид 19 кај пациент на 19 јануари 2020 година, но медицинските наоди во трудот објавен во списанието „Clinical Infectious Diseases“ укажуваат на тоа дека вирусот можеби циркулирал во Америка и пред тоа, пренесува Спутник.
Научниците проучувале скоро 7.400 примери на донирана крв во девет држави во САД, помеѓу 13 декември 2019 и 17 јануари 2020 година. Доказите за антитела кон ковид-19, чие присуство укажува на тоа дека некое лице имало контакт со вирусот, било присутно во дури 106 примероци – покажува студијата.
Ова значи дека постои можност коронавирусот да бил распространет во САД дури еден месец пред да се потврди првиот случај на инфекција, неколку недели пред кинеските власти да објават податоци за инфекцијата во Вухан.
Анализата на податоците во болницата од Соединетите држави на крајот на 2019 година, исто така, покажала зголемување на бројот на пациенти со грип, од кои многумина имале силна кашлица и други сериозни респираторни симптоми.
Истражувачите во Европа претпоставуваат дека коронавирусот бил присутен во европските земји, пред Кина официјално да го објави појавувањето на новиот вид. Истражување во Франција открило дека има антитела кон ковид-19 во примероците од крв земени на почетокот на декември 2019 година.
Слична студија спроведена од нивни италијански колеги покажа дека примероците во Италија уште во септември покажале присуство на антитела. Во меѓувреме, шпанските вирусолози пронајдоа траги од коронавирус во примероците од канализација собрани во март 2019 година – цели девет месеци пред појавата на коронавирусот во Вухан.
Точното потекло на коронавирусот во моментов е непознато, но познато е дека вирусот досега зарази повеќе од 13,8 милиони и уби повеќе од 271 000 луѓе во Америка, Трамп го нарече „кинески вирус“, нешто што предизвика жестоки протести од Пекинг, пренесува РТ.


Facebook
Twitter
Instagram
YouTube
RSS