По прогласувањето на кризната состојба, на иницијатива на Министерството за здравство и министерот Венко Филипче беше одржана средба со претставници на трите најголеми приватни клиники во земјава – „Аџибадем Систина“, „Жан Митрев“ и „Ремедика“. Приватните клиники одговорија позитивно да се најде решение за дополнителни капацитети со овозможени услови, кадар, опрема и лекови за згрижување и лекување поголем број пациенти со ковид -19.
Претставниците на „Аџибадем Систина“ предложија нивниот објект, поранешната болница „Мала Богородица“, да се користи како нов ковид-центар.
По усниот договор со министерот Филипче, веднаш почна да се опремува овој капацитет и да се адаптира објектот во ковид-центар.
Адаптацијата е речиси готова, но се чека на Министерството за здравство да им издаде дозвола на трите приватни болници да можат да го користат објектот како ковид-центар. Договорено беше Министерството за здравство да координира која од приватните болници, како и со колку ќе учествува во трошокот на овој капацитет (кој, како што велат од „Аџибадем Систина“ е десеткратно поголем од ветениот надомест од Фондот за здравствено осигурување).
И на тоа се чека. Се чека на издавање на дозволата за станица за довод на кислород, кој е неопходен за третман на ковид-пациентите. Се чека и на тоа кој двајца доктори медицински ќе управуваат со овој ковид-центар. И за тоа треба да одлучи Министерството за здравство. И на крај, се чека на договорот за соработка со Фондот за здравствено осигурување.
Facebook
Twitter
Instagram
YouTube
RSS