Пропадна обидот да почне расправата за измена на собранискиот Деловник со кој треба да се отвори можноста за онлајн работа и дискусии на пратениците коишто се заразени или се во изолација поради Ковид-19, коишто ги предложи собранскиот спикер Талат Џафери. Опозициските ВМРО-ДПМНЕ, Левица и Алијанса/Алтернатива со поднесени 3.000 амандмани ја блокираа работата на Мандатно-имунитетната комисија. Тие тврдат дека за функционирање на Собранието онлајн нема ниту технички, ниту демократски услови. Координаторот на коалицијата Алијана/Алтернатива, Скендер Реџепи вели дека нивната забелешка се однесува на начинот на кој се носи новиот Деловник.
„Ова прашање треба да се спречи бидејќи за измени на Деловникот е потребен сепартиски консензус. Досега, само еднаш се случило Деловникот да се измени на своја рака, без опозиција, во времето на Груевски. Јас и на говорница кажав, ако сакате да го вратите груевизмот, изменето го деловникот на своја рака. Сметаме дека со доволно амандмани, ќе се избориме за консензус“, вели Реџепи.
Забелешки на процедурата на донесување на измените на Деловникот има и опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Тимчо Муцунски на прес-конференција изјави дека за донесување на измените мора да има консензус, а не тие да се носат на сила.
„Ова не е начин кој што создава дополнителна доверба меѓу политичките субјекти, напротив, јас би рекол ја нарушува и така слабата доверба која што ја има помеѓу политичките партии во Собранието. Ние ќе ги користиме сите возможни политички модалитети и ресурси на наше располагање да се спротивставиме на овој процес кој што има обид на сила да се донесе, спротивно на Уставот и не овозможува дијалог во Собранието.”, рече Тимчо Муцунски од ВМРО-ДПМНЕ.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, која поднела 1.300 амандмани останува на барањето дијалогот за измена на Деловникот да се води во рамки на иницијативата Жан Моне, а не „насилнички“ само да се покрие тесното мнозинство од 61 пратеник на СДСМ и на ДУИ.
Мнозинството не се откажува и натаму ќе бара начин за да се обезбеди функционалност на парламентот. „Срамно е за државата заради деструктивната опозиција да биде единствената држава во светот без можност за ваков начин на работа на Собранието“, вели координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески.
Предлог измените ги достави собранискиот спикер Талат Џафери, кој неодамна изјави дека ваквото решение нема да го промени досегашниот начин на работа, туку само ќе овозможи Собранието да биде целосно функционално. Ваквата потреба се наметна поради актуелната ковид-криза, откако неколку пратеници беа заразени со коронавирус, поради што беше оневозможено нивното учество во работата на парламентот. Поради пандемијата и владините седници изминатиов период се одржуваат онлајн.


Facebook
Twitter
Instagram
YouTube
RSS