Катасторфалниот пораз на СДСМ и Зоран Заев на локалните избори кои беа одржани пред два дена го донесе она што го очекуваа сè поголем број од граѓаните… Оставката на Заев како форма на одговорност, иако во случајот за резултатите на изборите, е нешто што според дел од граѓаните беше одамна очекуван и неопходен потег. Додека, пак, друг дел од јавноста, но и коалиционите партнери на Зоран Заев, започнаа со гласна кампања за (не)потребноста на оставката. Изненадува фактот што истата таа јавност беше проактивна во едно друго време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, кога исто така поимот одговорност беше како странски збор кој не постои во нивниот речник. Но, сега кога на власт се токму нивните политички фаворити, поимот за одговорност и оставки не е до толку атрактивен и приемчив.
Сепак, Заев се чини дека се надмина себеси и после бројните изјави кои ги даде па постапи спротивно на најавеното, и со последната децидна изјава за оставка дадена вечерта после потопот што се случи на неговата партија ја најави својата демисија. Но, два дена по таквите најави премиерот во заминување, Зоран Заев сè уште не ја доставил оставката што ја најави во неделата вечерта во Собрание, како што предвидува официјалната процедура.
Од Собранието информираат дека оставката сè уште не е стигната, а Заев не одговори на прашањето дали и кога ќе ја поднесе оставката или можеби се премисли. Од неделата Заев се нема појавено во јавност, а Владата за денеска закажа редовна седница. Заев вчера во Влада имаше средба со коалиционите партнери кои по средбата беа категорични дека се против оставката на Заев, а дел од нив го убедувале и да ја повлече. Во меѓувреме претседателот на општинската организација на СДСМ од Куманово, Мартин Костовски покрена иницијатива за собирање на потписи Заев да остане на лидерската и премиерската функција.
Ниту Али Ахмети, коалицискиот партнер, ниту било кој од досегашните партнери и блиски луѓе на Заев не успеале да го предомислат премиерот во оставка да ја смени одлуката за повлекување од премиерската функција, откако тој ја загуби битката за локалната власт, пишува Плусинфо. Како што пишува порталот, премиерот на вчерашната средба со претставници на сите политички партии што го сочинуваат парламентарното мнозинство бил мошне категоричен во ставот дека „нема враќање назад“ и ги повикал партнерите да се договорат за нов мандатар и најдоцна до петок да излезат со предлози.
Според извори на порталот, тој оставката најверојатно нема да ја достави веднаш во парламентот, туку прво имал план да ја истера работата со македонските евроинтеграции по 12 позитивни препораки од Европската комисија, а дури кон крајот на декември, откако ќе се одржи Самитот на лидери на ЕУ, каде се очекуваат клучни одлуки, да ја депонира својата оставка во Собранието..
Според грчкиот весник Катимерини, на коалицијата на Заев ѝ е зададен тежок удар. Ќе биде ранлива, а заминувањето на Заев ќе го отежне управувањето со ситуацијата, бидејќи ќе ја поттикне реториката на опозицијата за поделба меѓу власта и расположението кај народот – како што беше изразено на локалните избори. Зајакнувањето на националистичката опозиција, која е против договорот за името со Грција, не навестува добро за билатералните односи или за регионалните случувања.
Може да се очекува да се развие сложена ситуација во соседната земја, иако Уставот ѝ дозволува на владејачката коалиција да остане на власт во преостанатите две и пол години од нејзиниот мандат, бидејќи го задржува мнозинството во парламентот. Ако ова навистина се случи, ќе се обезбеди одреден континуитет во внатрешната и – она што е најважно за Грција – надворешната политика – пишува електронското издание на грчкиот весник „Катимерини“.
Како што се наведува, владеењето на Заев директно помогна во постигнувањето и доследното спроведување на Договорот од Преспа, како и членството на (Северна) Македонија во НАТО и очекувањата за непречен пристап во Европската Унија – се вели меѓу другото во анализата на грчкиот печат…
Facebook
Twitter
Instagram
YouTube
RSS