Надлежните конечно одлучија да се справат со повеќегодишниот проблем со паркирани возила и непроодни тротоари спроти главната Пошта кај зградата на Владата. Имено, просторот кај Градски ѕид блок 1, конечно доби партерно уредување со зеленило и без паркирани коли. Праксата која сега е променета долго време целосно го попречуваше движењето на пешаците.
„Сега, овој простор е целосно трансформиран во модерен тротоар направен по сите стандарди, чија единствена цел е да го направи движењето на пешаците и велосипедистите попријатно и полесно. Тротоарот е реконструиран со печатен бетон, изведена е нова велосипедска патека, а поставени се и клупи и корпи за отпадоци. Во рамките на есенската акција за зазеленување на градот засаден е дрворед од 16 јавори со подни дренажни решетки и систем за наводнување капка по капка, како и жардиниери со украсно зеленило“, велат од Град Скопје.
Со уредувањето на овој дел, целосно е ослободен од возила и изведена е велосипедска патека околу целиот блок 1 на Градски ѕид.
Град Скопје лани го ослободи од возила и го уреди тротоарот спроти соборниот храм Свети Климент Охридски па сè до крстосницата кај ТЦ „Палома бјанка“. На овој дел, кој со години беше блокиран со паркирани возила бидејќи не се наплатуваше паркирање, беа поставени столпчиња, а тротоарот е уреден во пешачка и велосипедска патека, нови клупи и зеленило.


Facebook
Twitter
Instagram
YouTube
RSS