Цената на електричната енергија до крајот на годинава останува иста. На состанокот во Министерството за економија со енергетските компании, Комисјата одлучи дека во моментов нема потреба од прогласување енергетска кризна состојба.
Mинистерот Бектеши рече дека засега нема потреба од нови мерки, надвор од она што значеше намалување на ДДВ-то на струјата. За да се зголеми домашното производство, со работа почна и вториот блок на РЕК Битола, а за неколку недели се планира стартување и на третиот блок, информира Бекетеши.
И покрај неповолните надворешни текови, Бектеши вели дека не очекува големи ценовни шокови. Но, состојбата се следи за изнаоѓање оптимални решенија.
„Владата веќе презеде и предвремени мерки, како што беше намалувањето на ДДВ-то. За жал, не помина Законот кој беше предложен од страна на Министерството за животна средина во делот на еколошката такса, за да може што повеќе средства да може да се користат во овие енергетски компании. Но, во моментов сметаме дека нема потреба од мерки, согласно информациите што ги имаме. Тие информации говорат дека до крајот на годината ја имаме потребната количина на електрична енергија што можеме да ја испорачаме за домаќинствата и за малите потрошувачи. Цените нема да се зголемат, количините се обезбедни. Подготвени сме како Влада да им помогнеме на „ЕСМ“ и „МЕПСО“ во случај ако има потреба да купуваат електрична енергија од слободниот пазар“, кажа министерот Бектеши.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, побара да се формира кризен штаб. Оттаму предупредуваат дека грешките во енергетиката, граѓаните ги чинат 15 милиони евра месечно поради преземањата на струја од европскиот заеднички систем.
Facebook
Twitter
Instagram
YouTube
RSS